Никој не знае точно која е причината за средбата кај албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на албанските партии од земјава. Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, причината се најверојатно новогодишните празници и почетокот на новата година, но истовремено ќе се разговара и за актуелната состојба во двете земји.
„И оваа средба ја гледам како средба на која ќе се разменат информации за актуелните случувања во двете земји, регионот и зошто да не за предизвиците со кои ќе се соочат нашите земји во иднина“, вели Бујар Османи.
Османи смета дека не треба да се создаваат теории на заговор во однос на средбата бидејќи премиерот Рама веќе е докажан пријател на Македонија. Но од ВМРО-ДПМНЕ не мислат така. Тие велат дека во Тирана ќе се дискутира за македонското прашање.
„Интересно е како само СДСМ нема против оваа средба каде за македонските прашања, се координираат во Тирана. Очигледно Али ќе ја учи и Тирана за зелената агенда, или Тирана ќе спрема втора тиранска платформа која после Али ќе му ја даде на Ковачевски? Единствениот договор кој треба да го има е обединувањето против криминалот и договор за избори за да народот одлучи!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, од партијата на Биљал Касами, велат дека Касами ќе патува за Тирана но нема да седне на маса со лидерот на Интегративците, Али Ахмети. Овој став на Беса, Османи го оценува како дневна политика за политички поени.
„Тие навистина треба да објаснат пред јавноста, пред своите гласачи, бидејќи според мене ова е невкусно, без план и стратегија и останува да го објаснат нивниот став“, додава Бујар Османи.
Средба од ваков тип за прв пат се одржа во Тирана на 29 декември 2016, од која произлезе заедничката платформа на албанските политички партии за зачувување на интерсот на Албанците. Во текот на овие години, лидерот на ДУИ, Али Ахмети повика на уште една средба, но беше бојкотиран од другите лидери поради неговата изјава дека “не седнува со уличари“. Неуспешен обид беше и тој на Касами во ноември минатата година.
