Сојузот на синдикатите на Македонија ја поднесе иницијативата во Собранието со која платите на функционерите треба да се намалат за 80%. Доколку се прифати нивната иницијатива со која бараат основица за пресметка да биде минималната, а не просечната плата како сега, функционерите во земјава би имале плата до околу 1.000, наместо сегашните 2.000 до 3.000 евра. На пратениците им даваат рок до вторник, на седница да се донесе ова решение, во спротивно велат ќе соберат 10.000 потписи и како овластен предлагач сами ќе ги поднесат законите во Собрание.
–Иницијативата е во насока на тоа и тие како и работниците, онака како што ги убедуваат работниците дека убаво се живее со минимална плата, се измени членот 11 од истиот закон и наместо како до сега основица за пресметка на платата на функционерите да биде просечната плата, да биде минималната плата. Дополнително бараме коефициентот на сложеност за утврдување на надоместокот на платите утврдени со овој закон да се намали за 40 проценти или вкупно 80 проценти намалување на платите на функционерите, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Инаку, функционерите сега со февруарската плата која ќе ја добијат во март треба да добијат по 200 до 300 евра покачување на платите, односно за процентот колку што пораснала просечната плата минатата година. Државниот завод за статистика на 20-ти февруари треба да го објави податокот за декември, но според проценките на аналитичарите таа лани има раст за над 9 проценти. Одлука на Влада нема, а министерот за економија Бесар Дурмиши вчера кажа дека ги чекаат да излезат податоците на статистика, па потоа ќе носат одлука. Кажа дека одлуката би била најверојатно како лани кога растот на функционерските плати се стопираше со намалување на коефициентите за пресметка на платите.
-Во месец февруари ќе бидат извадени податоците од Државен завод за статистика каде што ќе го гледаме каква е ситуацијата и соодветно после тоа ќе постапуваме. Стоиме на тој став дека немаме, од кога ние сме доаѓале немаме донесено ниту една одлука, ниту нема да донесеме одлука каде што ќе се зголемат платите на функционерите, вели Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Но синдикалците се категорични дека одлука не може да дерогира закон. Предупредуваат дека судиите и обвинителите веќе поднеле иницијатива до Уставен суд да се одмрзнат замрзнувањата преку коефициентите кои ги направи владата за да не пораснат функционерските плати. Велат ако се усвои таа иницијатива функционерските плати во моментов ќе пораснат за околу 40 проценти, или на плата од 2.000 евра тоа би биле дополнителни 600 евра. Велат таква одлука еднаш е донесена и ништо не спречува да се донесе пак. Токму со одлуката на уставните судии од 2023 година функционерските плати се покачија за 78 проценти.
