Пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија изјави дека ќе го поддржат изборот на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, но упати и остри критики кон досегашното раководство на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Станковиќ оцени дека Савески презема „многу тешка и храбра задача“, бидејќи институцијата, според него, има исклучително ниска доверба кај граѓаните.
„Обвинителството има само околу 2 проценти доверба меѓу граѓаните. Тоа е веројатно статистичка грешка, бидејќи реално речиси никој нема доверба во ова обвинителство“, изјави Станковиќ.
Тој нагласи дека првото очекување од новиот обвинител е да се „расчисти сопствениот двор“ во институцијата и да се утврди одговорност за евентуални пропусти во работењето во изминатиот период.
„Постојано слушаме случаи каде обвинителството не постапува. Не може да остане само на муабети и обвинувања по телевизии. Ако сака да ја врати довербата, прво мора да се расчистат состојбите внатре во самото обвинителство“, рече Станковиќ.
Според него, втората клучна задача е обвинителството поефикасно да постапува по пријавите за злоупотреби и да се справи со кражбите на државниот буџет.
Како трет приоритет, Станковиќ посочи дека очекува институцијата посериозно да се зафати со високиот криминал и, како што рече, со олигархијата во државата, вклучително и финансиски структури, банки и градежни компании.
Тој порача дека Социјалистичката партија ќе ја поддржи кандидатурата на Савески, но нагласи дека внимателно ќе ја следат неговата работа и очекуваат конкретни резултати во борбата против корупцијата и криминалот.
