Никој да нема дилема за ставот за руската агресија – ова го одговори премиерот Христијан Мицкоски, прашан за најновото гостување на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на прием на амбасадата на Русија во земјава.
Стоилковиќ пред два дена беше присутен на чествување на Денот на Русија, од каде амбасадорот Сергеј Баздникин порача дека нивната специјална воена операција во Украина ќе продолжи.

„Ставот на Владата е многу јасен околу руската агресија, непроменет и прецизен. Исто така и присуството на вицепремиерот Изет Меџити во Одеса е јасна потврда , така што не треба никој да има апсолутно никаква дилема“, вели Христијан Мицкоски.
Освен Стоилковиќ, на приемот биле присутни и пратеникот од неговата партија, Драган Недељковиќ, пратеници од Левица, амбасадорите од Србија, Босна и Херцеговина, Казахстан, Турција, Кина… но и скоро половина митрополити на чело со владиката на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г-дин г-дин Стефан.

Сите тие од првите редови го слушаа говорот на рускиот амбасадор Баздникин, според кого обидите за уништување на силните врски меѓу двата братски народа ќе бидат неуспешни.
Додека властите во земјава се фалат дека Македонија е меѓу најголемите поддржувачи на Украина, во помош по глава на жител, Баздникин истакна:
„Режимот во Киев постепено се претворува во терористичка организација, а неговите спонзори стануваат помагачи на терористи.“, вели Сергеј Баздникин.
Инаку, Стоилковиќ неодамна го телевизиско гостување, истакна дека ќе продолжува да присуствува на настаните на руската амбасада, образложувајќи дека двете држави не ги прекинале дипломатските односи.
