Стравува ли ДУИ од коалицијата СДСМ-БЕСА? – Османи: Заев да гледа во својот двор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секој да си ја гледа својата партија и својот двор, порача портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, коментирајќи ја вчерашната изјава на актуелниот коалициски партнер, Зоран Заев, кој рече дека ДУИ треба да се „исчисти“ од последиците на претходниот режим, кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Секој да го гледа својот двор и својата партија. ДУИ ги регулираше прашањата во својата партија. Изјавите во предизборието од страна на политичките партии не се сфаќаат сериозно. ДУИ сега е фокусирана на изготвување на изборната програма како победничка партија на овие избори, со цел да излезе со конкретна програма и проекти и да го направи подобар животот на граѓаните“, истакна Бујар Османи.

Иако интегративците веруваат во победа, нивниот партнер вели дека „за ДУИ веќе нема победа“, дури ниту во 6-тата Изборна единица.

Но, дали ДУИ се чувствува предадено од партнерот Заев или можеби исплашено од новата коалиција СДСМ-Беса?

„Не воопшто. ДУИ е победничка партија на овие избори, го претставува албанскиот интерес. Калкулациите кои се прават за партиски интереси за останување на политичката сцена, воопшто не се однесуваат на интересот на граѓаните“, додава Османи.

Но, зошто интегративците ја обвинуваа Беса за „претопувања“ и „сојузи“ со македонските партии, кога самите тие пред помалку од една година се обединија со СДСМ за консензуален Претседател, а соработуваа и на локалните избори?

„Соработките за градоначалници и за претседател на државата, се неопходни бидејќи таква е конфигурацијата. Волјата на граѓаните се одразува во Собранието и општинските совети. Тука ДУИ никогаш нема правено такви меѓуетнички коалиции“, посочува Османи.

Два дена претходно СДСМ и Движењето Беса потпишаа договор за предизборна коалиција. Ова е првпат албанска и македонска партија да коалицираат пред избори. За ова реагираа и ДУИ, и Алијанса за Албанците. Интегративците му испратија порака на Заев дека нема да има Влада без победник од албански блок, и покрај неговата коалиција со Беса. Заев и Касами ја оставија отворена врата за предизборна соработка за сите партии, нагласувајќи дека нема да прифатат уценувања и партии кои нема да ги почитуваат нивните начела.