Студентите Албанци во неизвесност за правосудниот испит – и покрај ветувањата на ВЛЕН, Филков „им ја затвора вратата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Студентите Албанци кои студираат право се во магла – еднаш им се ветува дека правосудниот испит може да се полага на албански јазик, а другпат не. По различните изјави и ветувања од претставници на ВЛЕН дека прашањето ќе се реши, вчера министерот за правда, Игор Филков, кусо порача – прашањето е затворено.

– Мислам дека ова прашање е исцрпено, правосудниот испит е стручен испит, не е административно прашање, немам што повеќе да коментирам за истото-вели Филков.

Мевлан Адеми од студентската иницијатива вели дека работата ќе биде затворена тогаш кога ќе се почитува мајчиниот јазик.

– Премиерот на 8 февруари излезе и рече дека Законот за употреба на јазиците е јасен и дека доколку студентите бараат испитот да се полага на албански јазик, тоа ќе биде дозволено. Исто така и првиот заменик-премиер Сали изјави дека образложенијата на министерот за правда се неосновани, слично изјави и вицепремиерот Фетаи, кој рече дека одлуката на Министерството за правда не е правно издржана. Ние гледаме дека оваа Влада нема унифициран став и не гледаме конкретни чекори кон решавање на нашето барање. За некого можеби ова прашање е завршено, но за нас ќе заврши во моментот кога ќе се почитува законот и нашиот мајчин јазик-рече Адеми.

И денеска побаравме став од Владата, но не добивме одговор.
Во меѓувреме, опозициската ДУИ оценува дека Филков го сведува албанскиот јазик на нула и побара од ВЛЕН да не молчи.

– Обидот да се исклучи албанскиот јазик од правосудниот испит, да се поткопа неговата употреба и да се третира како затворено прашање, не е само кршење на Законот за употреба на јазиците, туку е директен удар врз Охридскиот договор и уставниот поредок на државата. Албанскиот јазик е уставна категорија, законска категорија, право стекнато со жртва и темел на еднаквоста врз која почива мултиетничката држава. Секој обид за негово релативизирање или исклучување претставува чекор назад-велат од ДУИ.

Од студентската иницијатива најавуваат ескалација на ситуацијата, но без детали за конкретните чекори. Велат дека утре ќе донесат одлука за понатамошните активности.