Светската здравствена организација (СЗО) сè уште нема докази дека новата варијанта на коронавирусот ќе доведе до зголемена смртност, изјави еден од директорите на таа организација, Силви Брајан, за француската телевизија БФМ.
– Вирусите се менуваат и она што се случи сега не е изненадување. Со цел да утврдиме дали мутацијата ќе има влијание врз здравјето на луѓето, ќе мора да направиме дополнителни истражувања во лабораторијата. Во овој момент, не гледаме промена на стапката на смртност, рече таа. .
Брајан посочи дека ќе се спроведат и нови истражувања за ефикасноста на вакцината против новата варијанта на коронавирусот, иако засега ништо не упатува дека ќе има разлика во однос на делотворноста.
– Засега изгледа дека новата варијанта на коронавирусот тешко дека ќе влијае на ефикасноста на вакцината. Верувам дека мерките кои се преземени во Велика Британија ќе влијае на тоа да се запре ширењето на новата варијанта до масовната вакцинација на населението, потенцираше Брајан.
Британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека новата варијанта на коронавирусот, откриен во југоисточна Англија, е позаразен за 70 отсто од претходниот, но засега не е утврдено дека има поголема смртност. По откривањето на новата варијанта, повеќе европски земји, како и Канада го запреа воздушниот сообраќај со Велика Британија со цел да се спречи ширењето на мутираниот вирус.
Британски медицински експерти рекоа дека нема докази дека новата варијанта на вирусот е посмртоносна или дека поинаку ќе реагира на постојните вакцини, но оти се покажало дека е до 70 проценти попренослива.
Вирусите често мутираат, а научниците откриле илјадници различни мутации меѓу примероците на вирусот што ја предизвикува болеста Ковид – 19. Многу од овие мутации немаат никакво влијание врз стапката на ширење и сериозноста на симптомите.
Прашањето со кое се соочуваат научниците е дали мутацијата на коронавирусот наречена VUI-202012/01 спаѓа во таа категорија и дали претставува зголемен ризик по здравјето. И дали неодамнешното брзо ширење на југот на Англија е поврзано со луѓе кои заразиле многу други, можеби затоа што ги игнорирарале ограничувачките мерки, наведува Би Би Си.
ВУИ – 202012/01 е варијанта на САРС-КоВ-2, вирус што ја предизвикува болеста Ковид-19 и првпат беше откриен во Велика Британија во октомври 2020 година од примерок земен во текот на септември.
Мет Ханкок, британскиот секретар за здравство, рече дека новата варијанта на вирусот, која се шири побрзо од другите варијанти, не е поопасна, но дека мора да се стави под контрола.
– Единствениот начин на кој можете да го направите тоа е со ограничување на физичките контакти и во основа, особено во области со голем број на заразени луѓе, секој треба да се однесува како да има вирус и тоа е начинот на кој можеме да го ставиме под контрола и да ги заштитиме луѓето, рече вчера Хенкок, пренесува Си Ен Ен.
Новите анализи ќе вклучуваат одгледување на новата варијанта на вирусот во лаборатории, проучување на неговиот одговор на антитела и тестирање на вкрстената реакција со вакцините против Ковид-19, наведува Радио Слободна Европа.
Покрај тоа, здравствените власти сега спроведуваат секвенционирање на случајно избрани примероци на позитивни случаи низ Велика Британија за да го испитаат неговото ширење и да изградат регионални мапи за неговата распространетост, односно бројот на сите случаи на заболување кај дадена популација во даден период. За тоа ќе бидат потребни најмалку две недели, пишува Гардијан.
