Теарце доби противпожарна станица, ќе го покрива и Јегуновце – ќе функционира со ограничен капацитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дисперзираната противпожарна единица е отворена во Општина Теарце и ќе ја покрива и Општина Јегуновце. Ова долго барање, според градоначалниците на општините, ќе ја зголеми безбедноста на жителите во случаи на пожари.

„По многу години чекање, ветувања и нереализирање, денес конечно правиме важен чекор за безбедноста и благосостојбата на сите наши жители. Денес ја отвораме противпожарната единица и во општина Теарце. Ова не е само едноставна инвестиција, туку инвестиција во безбедноста на нашите граѓани“, изјави Даут Мемиши, градоначалник на Теарце.

„Ова е доказ дека работиме во интерес на жителите и дека децентрализацијата нема да биде само на хартија, туку и во реалност, и ќе работиме и на други проекти што заедно ќе ги реализираме во наредниот период, кои ќе бидат во интерес и на Полошкиот регион и на општина Јегуновце.“, вели градоначалникот на Јегуновце, Диме Костадиновски.

Единицата првично ќе има ограничен број пожарникари и ќе функционира само во една смена.

„Во оваа подстаница на општина Тетово тука во Теарце ќе има вработени осум лица кои засега ќе работат во една смена, додека не се види точната функционалност, а потоа да се воведе и 24-часовна служба.“, вели Авни Амети, началник на ТППЕ Тетово.

Слична дисперзирана единица се очекува да се отвори и во Општина Боговиње, додека пред една година беше отворена таква и во Општина Желино.