Тензично на Анкетната комисија за Онкологија, Милошоски го посочи Филипче како одговорен, СДСМ обвини за политизирање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жестока расправа меѓу членовите на Анкетната комисија за скандалот со Клиниката за онкологија. На самиот почеток од продолжението на расправата атмосферата се заостри откако Антонио Милошоски од ВМРО-ДПММНЕ директно го посочи екс министерот за здравство Венко Филипче дека е одговорен за скандалот.

„Објективната политичка одговорност на министерот за здравство Венко Филипче како тогашен актуелен министер е заснована во членот 295 од Законот за здравствена заштита каде што тој требал да врши надзор над законитоста на работата на здравствените установи а за жал министерот за здравство во тоа време не го вршел овој надзор и со самото тоа сноси политичка одговорност за невршење на надзор со што се овозможило овој скандал да се случува.“, рече Милошоски.

Ваквата оценка на Милошоски предизвика низа реакции кај пратениците од мнозинството , кои во својата полемика оценија дека на овој начин се злоупотребува Комисијата во политички цели. Заклучоци за некаква политичка одговорност носиме сите заедно, не може тоа поединечно да се прави, рече Мартин Костовски од СДСМ

„Јас знам дека пи-арот на вашата политичка партија ДПМНЕ е сега сите да се изредите, почнувајќи од Антонио Милошоски, – Венко Филипче, Пановски, Венко Филипче, Пановски, сите ќе се изредите. Работата на оваа комисија воопшто не ги оправдува средствата за тоа. Вие може да зборите што сакате меѓутоа доколку сите единствено не ги изгласаме тие заклучоци не може да има утврдено политичка одговорност“, вели Костовски.

Костовски сепак во своето излагање рече дека неговиот став е дека Венко Филипче нема политичка одговорност за овој случај, а дека натрупаните долгови на Клиниката е поради тоа што терапијата е многу скапа и поради зголемениот број на заболени од карцином. Комисијата по завршувањето на распитот на сведоците сега ги сублимира исказите и ја анализира собраната документација по што треба да донесе заклучок.