Тетовското село Вешала заборавено од државата, Арифи: Доколку има потреба од асфалтирање, ќе интервенираме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е селото Вешала, тетовско, кое се наоѓа на само 20 километри од градот. Улиците се тесни и полни со дупки. Мештаните велат дека селото е заборавено од сите, па затоа селаните почнале да си заминуваат. Во селото нема ниту лекар. Патот е во доста незавидна состојба, а како што велат жителите, истиот бил отворен по нивна самоиницијатива.

„За нас тука никој не се интересира. Што сме ние животни или планински луѓе? Никој не доаѓа да нѐ праша за проблемите, немаме ништо само еден оџа, ниту месна заедница, ниту советник… Навистина веќе сме изморени, кој како може работи. Да зборуваш те третираат како будала, да не зборуваш… Погледнете, одете самите и видите дали е добро или не.“

„Ние како жители сме принудени да го напуштиме селото поради лошата патна инфраструктура. Како што видовте и самите, тоа е сѐ. Ја повикуваме градоначалничката, а и општината да не доаѓаат само за избори, туку да дојдат и да видат со какви проблеми се соочуваме“, посочуваат жителите.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, рече дека наскоро се очекува да биде асфалтиран патот до влезот на селото Шипковица, додавајќи дека ако се утврди дека и патот кон Вешала има потреба од асфалтирање, тогаш ќе бидат преземени соодветни активности.

„Ние ќе почнеме со работа во планинската област. Во процес на подготовка сме за асфалтирање на патот Тетово-Попова Шапка, односно до влезот на с.Шипковица. Истовремено нашите екипи ќе интервенираат ако има потреба за дополнителни активности за делницата која ја спомнувате. Треба да се утврди дали има потреба, бидејќи сега за сега планот е асфалтирањето да заврши до влезот на Шипковица“, истакна градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Патот до селото Бродец е во добра состојба, но делницата која води кон селото Вешала и Бозовце со години не е санирана. Oва се двете најблиски села до туристичките места на Шар Планина.