“Многу зборови, малку работа“, ова го има кажано лингвистот Екрем Чабеј. Иронично, но неговото име го носи токму основното училиште во Непроштено, општина Теарце. Во ова училиште условите се минимални. Тоалетите се 20 метри оддалечени од училиштето. Санитарниот инспекторат на 7 март изврши контрола во ова училиште и констатираше недостиг од елементарни услови.
-Санитарниот инспекторат во Тетово ќе донесе одлука за замена на санитарните врати во рок од еден месец, средства за лична хигиена на учениците како и опрема за хигиена. Што се однесува до бојадисување на објектот, тоа ќе се прави во текот на празникот на училиштето.-велат од Санитарниот инспекторат.
Од Образовниот инспекторат во општина Теарце велат дека од 2006 за ова школо министерството никогаш не издвоило средства.
-Акутен проблем во тоа школо е прашањето на санитарни чворови. Општината направи детален проект за тоа, аплицираше до МОН во секторот за инвестиции но свесни сме дека времето не не чека. Никогаш не се издвоени средства од Владата, во периодот 2006-2008 издвоени се за реконструкција на покривот што беше политичка одлука, без никаков проект, и кога ја видоа грешката, ги повлекоа средствата. -вели Мухамед Реџепи од Општина Теарце.
Од друга страна министерот за образование Арбр Адеми вели дека општините имаат можност да одвојат финансии за хигиена и санитарни јазли во училиштата.
-За такво прашање добро е да се обратите и во соодветната општина за да се види што е проблемот, но тоа што треба да се истакне на национално ниво е дека сите општини имаат доволно средства не само за платите туку и за покривање на другите обврски за одржување на нивото на хигиена особено во ова време и околности кога се соочуваме со корона вирус.-рече Адеми.
Што се однесува до објектот, истиот е изграден во 40-те години и во него настава следат околу 90 ученици.
