И официјално отворена форензичка лабораторија на Универзитет на Југоисточна Европа која ќе им биде на располагање на студентите по криминалистика при Правниот факултет. Според ректорот, Абдуљменаф Беџети, оваа лабораторија има за цел на студентите да им понуди теоретското знаење да го применуваат и во пракса.
„Мислам дека студентите ќе имаат добра прилика нивното теоретско знаење да го применат и во пракса и да продолжат со стекнување конкретни вештини кои ќе ги примат од експертите од областа кои доаѓаат не само од академската, туку и од стручната фела. Како што видовте имаме и двајца експерти кои на студентите ќе им ги покажат сите активности кои треба да ги преземат“ рече ректорот на УЈИЕ, Абдуљменаф Беџети .
Професорот по криминалистика, Муазам Халили, ангажиран на универзитетот, истакна дека во оваа професија теоретското знаење не е целосно без практичниот дел.
„Самиот факт што теоријата е нецелосна без практичниот дел, уште повеќе кога станува збор за смерот – криминалистика, зошто да не и за студентите кои завршуваат право, има големо значење бидејќи демонстрирањето на теоретското знаење се преточува во пракса… Сите студенти кои ќе дипломираат, нивното теоретско знаење ќе го применуваат и во пракса. Ова е многу важно, особено за оние кои ќе работат во органи кои се борат воопшто против криминалот“, посочи Муазам Халили инспектор по криминалистика.
Ова е втора форензичка лабораторија на ниво на универзитети во земјата и истата е финансирана од Универзитетот на Југоисточна Европа.
