Украина е подготвена да го пополни „секое празно место“ во Европската унија (ЕУ) и НАТО доколку Унгарија одлучи да го повлече членството во тие организации за да се приклучи на заедниците предводени од Русија, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
„Украина би била подготвена да го пополни празното место во ЕУ и НАТО доколку Унгарија одлучи да го остави во корист на членството во евроазиската ЗНД (Комонвелтот на независни држави) или ОДКС (Организација на Договорот за колективна безбедност)“, се вели во соопштението на Министерството.
Коментирајќи ја изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дека одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку нејзина територија ги зголемила цените, украинското министерство рече дека изјавите се дел од „политички мотивирана информативна кампања насочена кон домашната потрошувачка“, потсетувајќи дека европската Комисија изјави дека одлуката нема негативно влијание врз енергетската безбедност на ЕУ или потрошувачките цени.
„Единствената причина за предизвиците на европскиот енергетски пазар отсекогаш била Русија“, се вели во соопштението, обвинувајќи ја Москва дека со децении ја користи енергијата како оружје, како и дека уценува и ја поткопува енергетската безбедност.
Во соопштението се додава дека Унгарија треба отворено да признае дали нејзин приоритет е зајакнувањето на Русија пред ЕУ и САД.
ЕУ ги започна пристапните преговори со Украина во декември 2023 година. Киев поднесе барање за членство во НАТО во септември 2022 година, неколку месеци откако Русија започна т.н. „специјална воена операција“ во Украина.
