Главна тема вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 е коронавирусот. Дебатираме со министерот Венко Филипче, директорката на Инфективна Милена Стевановиќ, и директорот на Клиниката за пулмологија Дејан Докиќ.
На прашањето за гужвите во болниците, министерот Филипче истакна дека гужвата е нормална со толкав притисок во болниците, но и дека гужвите прават нервоза. Тој побара трпение од граѓаните.
„Мислевме на сите работи, се ставија шатори, каде има греење. Пред болницата 8-ми Септември. Огромен наплив на пациенти, нормално е да има ситуации. Не се гужвите затоа што некој не работи, затоа што луѓето се преработен. Затоа бараме да имаме трпение. Знаеме дека гужвите прават нервоза, но сите добиваат квалитетни услуга“, рече министерот Венко Филипче.
На ова се надоврза д-р Дејан Докиќ кој објасни како изгледа една хоспитализација на пациент со коронавирус, со цел да се избегнат гужвите.
„Брзата помош испраќа порака во групата во каква ситуација е пациентот. Ако има висока сатурација на крвта, тогаш ќе му треба централен довод за кислород. И тој додека е во Брза помош, ние знаеме каде треба да го упатиме, и праќаме повратна порака каде да биде однесен“, објасни Докиќ.
ТВ21 на почетокот на емисијата се заблагодари на здравствените работници во битката со коронавирусот.
