Државата од буџетот ќе мора да врати 49,2 милиони евра на 156 компании, реши Уставниот суд со денешното поништување на Законот за данок на солидарност. Според претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, била донесена одлука за поништување, а не за укинување за да се обезбеди владеење на правото и враќање во состојба на уставност.
„Значи тежината на повредата и интензитетот на уставната повреда. Значи, вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволиво. Значи правната сигурност на правните субјекти во правото. Тие мора да имаат фундаментални принципи на владеењето на правото, се правната предвидливост и правната сигурност“, вели Дарко Костадиновски.
Според Костадиновски, ако се укинел Законот, компаниите нема да ги добијат парите назад, а единствено што ќе се спречело е во иднина Собранието да не може да носи ист ваков закон. Фирмите имаат рок од пет години по објавувањето на одлуката во Службен весник да може да ги побараат парите. Постојат и можности преку судски спорови да се барата и камати на овие пари.
Инаку, иако беше најавено, до Уставен суд Владата и Министерството за финансии не достави контра аргументи зошто би требало Законот да се укине, а не да се поништи.
Од Финансии пак за ТВ21 велат:
„Министерството за финансии нема да коментира судски одлуки, вклучително и денеска донесената од страна на Уставниот суд. Согласно надлежностите како Министерство за финансии ќе постапиме по Одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во Службен весник и ќе ги сервисираме создадените обврски од Буџетот.“, велат од МФ.
Инаку, минатата недела премиерот Христијан Мицкоски најави дека ако се поништи Законот и ако треба да се враќаат пари, ќе бара и кривична одговорност од претставници на претходната власт за нанесување штета на буџетот.
Инаку, Законот за данок на солидарност беше донесен во септември 2023 година од страна на владата на СДСМ и ДУИ и се оданочија компаниите кои имаа приход над 10 милиони евра и чии профит беше значително зголемен за време на кризата.
