Ватсап воведува гласовни и видео повици во својата десктоп верзија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гласовните и видео повиците се конечно достапни како дел од десктоп апликацијата Ватсап за Windows и Mac.

Популарниот сервис за пораки досега оваа опција ја нудеше само за мобилната апликација, а во текот на декември започна да ја тестира апликацијата и за десктоп верзијата.

Во најавата, сервисот посочува дека во претходната година е забележано големо зголемување на бројот на корисници кои меѓусебно се јавуваат на Ватсап. Ова не изненадува, со оглед на тоа што пандемијата на коронавирусот доведе до тоа се повеќе да се користат видео и говорни повици со цел корисниците да се поврзани со семејството и пријателите.

Со нудење видео повици на десктоп верзијата, Ватсап им овозможува на корисниците појасно да ги видат своите сакани. Покрај тоа, им овозможува да прават други работи и да се движат додека зборуваат.

Гласовните и видео повиците на Ватсап работат во портрет и панорамски позиции, а корисниците можат да го прилагодуваат изгледот на „прозорците“ за разговор на горниот дел од другите отворени апликации.

Во моментов, достапни се само шифрирани еден-на-еден повик, за да се осигура дека сè работи правилно на работната површина. Ватсап ветува дека ќе ја прошири одликата за да вклучува групни гласовни и видео повици во иднина.