Семеен пријател изјави утрово по македонско време дека мајка и ќерка, кои патувале во Вашингтон, за натпревар во уметничко лизгање, биле меѓу патниците на патничкиот авион што се судрил со хеликоптер на американската армија при слетување на националниот аеродром „Роналд Реган“.
Мажот за Sky News изјавил дека дошол на аеродромот откако слушнал дека најдобрата другарка на неговата ќерка и нејзината мајка, кои биле од Канзас, се наоѓале во авионот со 60 патници и четири членови на екипажот.
„Не сум слушнал многу, излегов од работа и веднаш дојдов тука за да бидам со мојот пријател“, рекол тој.
Федералната воздухопловна администрација соопшти дека судирот во воздух се случил пред 21 часот по источен стандардно време, кога регионален авион што полетал од Вичита, Канзас, се судрил со воен хеликоптер кој бил на тренинг-лет додека се приближувал кон пистата на аеродромот.
Според лице запознаено со случајот, имало повеќе жртви, но точниот број на загинати не бил познат, бидејќи спасувачките екипи ги пребарувале остатоците во потрага по преживеани.
Во хеликоптерот се наоѓале тројца војници, изјави претставник на Армијата.
Засега нема информации за причината за судирот, но сите полетувања и слетувања на аеродромот биле запрени додека нуркачки тимови ја пребарувале локацијата, а хеликоптери од разни безбедносни агенции ја надлетувале областа во систематска потрага по тела.
