Влада: Методологијата е согласно ООН и Евростат – за ВМРО-ДПМНЕ комбинираниот метод е непотребна дупла работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Методологијата која беше претставена од Државниот завод за статистика ќе обезбеди релевантни податоци, а спроведувањето на пописот ќе се одвива според стандардите на Обединетите нации и Евростат. Ова го  наведуваат од Владата, откако вчера беше претставен комбинираниот метод за собирање на податоци. Од опозицијата пак со коментар дека таков комбиниран метод е непотребен бидејќи со тоа се прави двојна операција на попишување. Во поддршка на пописот излегоа од бошњачката заедница од каде велат дека за нив ова е многу важен процес. Шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава смета дека по 20 години за Македонија е повеќе од потребно спроведување на пописот.

Влада: Методологијата е согласно ООН и Евростат – за ВМРО-ДПМНЕ комбинираниот метод е непотребна дупла работа.

Ден по објавувањето на методологијата за спроведување на пописот власта со оценка дека таа има за цел обезбедување единствени принципи за организирање на попишувањето во која ќе биде применет комбиниран методолошки пристап. Од Владата велат дека со ваквата методологија ќе се забрза процесот а воедно ќе се добијат и порелевантни податоци. Оттаму оценуваат дека пописот се спроведува според стандардите на Обединетите нации и Евростат.

„Комбинираниот пописен метод, кој се воведува за успешно спроведување на пописот е сложен методолошки и технолошки пристап. Обезбедува повеќе можности базирајќи се на комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување и со користење на податоци од претпописната статистичка база на податоци добиени од постоечки регистри поврзани со користење на единствениот матичен број на граѓанинот“, велат од Влада.

Од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со процедурата за собирање потписи за оспорување на Законот за попис. Шефот на опозициската партија Христијан Мицкоски вели дека ја разгледал методологијата и според него нема потреба од двојна операција на попис.

„Најпрвин велат дека постојат бази на податоци кои што ги содржат параметрите кои што се потребни да дадат одговор на прашањето кое е резидентно а кое е население кое што изминативе година дена го одјавило своето живеалиште во Македонија, за да потоа во вториот дел велат попишувачите на терен ќе ја констатираат таа состојба. Јас навистина не ја гледам потребата од вакво дуплирање на овие активности“, вели Мицкоски.,

Откако деновиве на иницијатива на пратеникот Зекир Рамчиловиќ беше одржана средба со претседатели на невладини организации од бошњачката заедница тие најавија кампања со што ќе  повикаат на подигнување на свеста на граѓаните од оваа етничка заедница за пописот.

„Значајно за Бошњаците и другите помалку бројни етнички заедници е што обезбедивме правична застапеност на сите заедници во пописните реони според процентот што го имаат на последниот попис, како и спроведувањето на пописот и на нивниот мајчин јазик, односно за Бошњаците на босански јазик“, вели Рамчиловиќ

За потребата од спроведување попис порака упати и шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава амбасадорот Клеменс Која.

„По речиси 20 години важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат“, вели Клеменс.

Според првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, пописот е предвидено да се спроведува на 7 јазици. На терен во едно домаќинство ќе оди по еден, а во мешаните населени места ќе има и по двајца попишувачи. Симовски вели дека пописот ќе се одвива со почитување на мерките и пропишаните протоколи соодветно на состојбата со Ковид 19.