Влада: Од 15-ти месецов над 700 производи со 10% попуст – СДСМ: Кошничката е измама – цените пораснаа од 15 до 20%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За 10 отсто пониска цена од најниската која што ја имале на рафтовите во маркетите во периодот од 15 ноември до 15 декември. Вака ќе се пресметуваат цените на над 700 основни прехрамбени производи од „новогодишната кошничка“ кои од наредниот викенд треба да осамнат со најмалку 10 проценти попуст.

Една недела пред стартот на кампањата Владата се пофали дека кошничката се проширила со уште неколку продукти, па сега бројката надминала 700 производи.

„Секој производ на рафтовите во маркетите ќе биде соодветно означен, а листата ќе има можност да се проширува и во следниот период. Ја поздравуваме одлуката на компаниите кои се приклучуваат кон кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“ и покажуваат општествена одговорност и ги повикуваме и останатите да се приклучат. Владата е директно насочена кон подобрување на економската состојба на илјадници семејства и животниот стандард“, изјавија од Владата.

За опозициската СДСМ пак таканаречената „новогодишната кошничка“ е нова измама на граѓаните од страна на власта. Велат, Владата свесно манипулира со граѓаните, а ги штити трговците. Намерно им оставила време на трговците да ги зголемат цените на основните прехранбени производи за 15 до 20 %.

„Пакување од 10 јајца сега се 90 денари, а неодамна чинеа 75 денари. До пред две недели зејтинот се продаваше за 82 денари – сега е 89 денари. Цената на кашкавалот најмногу се зголеми и сега е околу 500 денари за килограм. За килограм кашкавал граѓаните сега мора да платат 497 денари, а беше 429 денари. Речиси 70 денари зголемување за кило. Исто е и со многу други производи“, изјави Симона Цветаноска од СДСМ.

Пазарните инспектори ги следат цените на производите кои ќе се најдат во кошницата. Предвидени се казни за трговците, доколку не го почитуваат договорот со Владата.

Во новогодишната кошничка ќе се најдат основните прехранбени производи, леб и житарици, пекарски производи, месо и преработка од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци.