Според вицепремиерот Изет Меџити, Кочани е совест која повикува на постапување за сите други слични случаи како Беса Транс, Модуларната болница и Ласкарци кои немаат епилог и за кои граѓаните се уште ја чекаат правдата за изгубените животи.
„Се молиме за преживеаните и се подготвуваме да им го кажеме последното збогум на оние кои трагични загинаа на 16 март, како Влада ветуваме дека горката лекција од Кочани е научена, дека пораката е примена: државата нема да седи со скрстени раце и нема да дозволи правдата да се изгуби и да се девалвира низ институциите изградени да ги штитат недопирливите! Државата ќе дејствува. Одговорност ќе има: за кОчани, за Беса Транс, за болницата во Тетово, за Ласкарци, за сите трагедии кои се случија заради корупција и неказнивост а како последица се човечките животи!“, вели Изет Меџити.
И премиерот Христијан Мицкоски вети дека повторно ќе се отворат сите претходни случаи и дека ќе се спроведе детална истрага од надлежните органи. Ова го кажа во интервју на Сител зборувајќи за стравот кој владее меѓу граѓаните од многуте трагедии кои се случија последниве години. Мицкоски е убеден дека ќе ја добие оваа битка а доколку тоа не се случи вели дека тој ќе биде тој кој ќе ја урне владата.
Инаку во несреќата со Беса Транс животот го загубија 45 лица меѓу кои 12 деца, во несреќата кај Ласкарци 16 лица, додека во пожарот во модуларната болница во Тетово животот го загубија 14 пациенти.
