Владата нема да купува автобуси – Мицкоски: Ако сега ги купиме, ќе стигнат до идната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај хаосот со автобускиот превоз и неможноста градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да купи нови 250 автобуси, премиерот Христијан Мицкоски смета дека не е решение Владата да преземе одговорност и сега да ја почне постапката за набавка на автобуси од државниот буџет, која би завршила идната година. Според Мицкоски решение може да се најде само со наменско работење на Јавното сообраќајно претпријатие.

-Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот гласајте за кредит да земеме за да набавиме автобуси кои што ќе стигнат догодина тоа не го решава проблемот кој што денеска го имаат скопјани. Проблемот се решава со мобилизација во рамките на компанијата Јавно сообраќајно претпријатие, со вистинско, наменско трошење на средствата кои што скопјани преку градската каса му го даваат како субвенција на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во предизборните ветувања на локалните избори Мицкоски заедно со Арсовска ветуваа дека ќе набават 250 автобуси. Сега тој вели дека како Владата не може да ги решаваат проблемите со автобускиот сообраќај само во Скопје, бидејќи потреба за тоа има и во другите градови.

-Ние понудивме уште тогаш кога се уште бевме во коалиција со независниот кандидат госпоѓата Арсовска понудивме решение, дури и компанија која што ќе отвори фабрика, електрични автобуси и така натаму, но тоа остана само на иницијатива на едната страна. За жал немавме соговорник и партнер од другата страна за сето ова да продолжи. Инаку, да точно е како Влада размислуваме, но размислуваме за сите општини на целата територија на државата, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Испративме барање до градоначалничката на Скопје за став по изјавите на Мицкоски, но одговор не добивме. И додека трае препукувањето меѓу градоначалничката Арсовска со премиерот Мицкоски и советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, хаосот со автобусите продолжува, особено сега по стартот на новата учебна година. Градоначалничката Арсовска минатата недела испрати писмо до премиерот Мицкоски во кое побара од него да престане со блокадите и Владата сама да набави автобуси доколку не сака тоа да биде преку Градот Скопје.

Минатиот четврток на седница на Советот на Град Скопје беа ставени точките за воведување на брз автобуски превоз и набавка на 250 еколошки автобуси, но советниците од мнозинството не ги изгласаа.