Нема значителна промена кај мандатите на досегашната владејачка коалиција во Европскиот парламент. Европската народна партија, социјалдемократите и либералите го задржаа мнозинство со 404 од вкупно 720 европратеници. Според аналитичарот Марко Трошановски, нема да има драстични промени во политиките на идната Европската комисија.
„Очекувањата, за десниот радикален бран којшто требаше да ја зафати Европа, потфрлија. Комисијата ќе биде горе-долу конзервативна, водена од Европската народна партија и многу веројатно е дека Фон дер Лајен ќе продолжи да ја води.“, вели Трошановски.
Сепак, како што додава Трошановски, загрижува фактот што во одлучувачките центри на Унијата – како Париз и Берлин, одлични резултати постигнала крајната десница, која би се обидела да го попречи процесот на проширување на Унијата. Тој смета дека главен фокус ќе продолжи да биде Украина и засега нема да има промена во динамиката на проширувањето, иако Македонија и земјите од регионот очекуваат голем исчекор. Според Трошановски, на наредната Комисија, во овој период на геополитички кризи, очајно и е потребен успех на полето на проширувањето, каде, како што вели, предничи Црна Гора, но не изостанува и Македонија. Нас сепак ни останува чекорот за промена на Уставот, а аналитичарот оценува дека тој нема да се премости со намерата за промена на преговарачката рамка за земјава.
„Ако главната стратегија е промена преговарачката рамка како предуслов за одлучување на почетокот на преговорите, мислам дека тоа нема да се случи и секој што заговара таква работа не го разбира процесот или свесно ќе го кочи.“, вели Трошановски.
Решението Трошановски го гледа во идејата за Анекс на Договорот со Бугарија. Односно, со вклученост на претставници на Унијата во Историската комисија, со што би се гарантиралa објективност на преговарачкиот процес.
„Доколку има свест кај двете страни и Софија и Скопје со ваков модалитет да биде надграден Договорот за соработка мислам дека има шанси да се мрдне работата.“, рече Трошановски.
Ако се најде компромис за ваквиот модалитет, Трошановски очекува уставни измени кон крајот на оваа или почетокот на наредната година. Од претставниците на ново парламентарно мнозинство во земјава, последно најголем оптимизам сподели Арбен Таравари, кој изјави дека наредната Влада ќе ги започне, но и ќе ги заврши преговорите за членство во Унијата.