Вжештена реторика на релација Скопје – Софија околу уставните измени. Според бугарскиот претседател Румен Радев властите во земјава водат политики против одлуките на ЕУ и меѓународните договори, со тоа што не ги внесуваат Бугарите во Уставот. Следуваше одговор од премиерот Христијан Мицкоски.
„Маските конечно паднаа. Новата Влада кај соседите јасно покажа дека најголемиот страв кај политичката класа во таа држава е да го признае постоењето на зборовите „Бугарин“ и „бугарско“, додава Румен Радев
„Жалам што од страна на нашиот источен сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислев дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски посака мандаторот Бојко Борисов, со кого заедно членуваат во Европската народна партија, да успее да состави Влада во Бугарија и да се седне да се разговара со, како што вели, факти и аргументи, а не со ниски страсти. Борисов ако стане премиер вели ќе прифати средба, но најави дека нема да отстапи од постигнатиот договор.
„Ние сме сестринска партија, иако не ми се допаѓа многу тој збор – дека сум сестра, а во исто време и Мицотакис, премиерот на Грција, е сестра и кога наеднаш ќе се скараш со двете „сестри“, велам во наводници зашто „браќа“ е силно кажано, ништо добро не те очекува.“, вели Бојко Борисов.
„Логично е да посакувам нашиот источен сосед да има премиер којшто доаѓа од истото семејство, за тоа не треба да имате дилема. Но, исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари коишто беа сервилни“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот повика заеднички да се изнајде решение, дали во Софија или пак во Брисел.
„Доколку не успееме во тоа наша задача е да се посветиме на решавање на домашните задачи“, порача Христијан Мицкоски.
Партнерите на Мицкоски, од коалицијата „Вреди“ во кампањата најавуваа уставни измени во првите шест месеци од Владата. Вицепремиерот Изет Меџити во „Дејли клик“ откри дека се водат разговори со меѓународниот фактор.
„Тие начелно се за уставните измени, се за внесување на Бугарите во Уставот, но заедно со меѓународниот фактор разговараме за можностите да има гаранции дека нема да има нови барања додека трае процесот. Односно, дека ова ќе биде единственото барање од страна на бугарската држава, од Бугарите“, вели Изет Меџити.
Претходно од Европската Комисија информираа дека се јасни очекувањата од Македонија – исполнување на уставните амандмани за кои Скопје се обврзало да ги спроведе за да може да продолжи по својот ЕУ пат.
