Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку партиско соопштение обвинуваат дека се помалку има слободни кревети во болниците, додека пак министерот Филипче „наместо да ги зголеми болничките капацитети, брка провизии“.
„Македонија повторно руши рекорди по ново заболени, само вчера се регистрирани на над 1.000 нови случаи, болничките капацитети се преполнуваат, а власта нема никаков план како ќе се справи со новиот бран. Една година сме во состојба на пандемија, а Филипче и Заев немаат ниту една нова инвестиција во здравството. Во цел свет вакцинацијата веќе е во напредна фаза, соседна Србија вакцинираше 30 проценти од населението, а ние не само што немаме вакцини, туку немаме ниту болнички кревети и капацитети“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека Филипче и Заев ја преспале целата пандемија и системот е оставен само од себе да се справува, без никаква помош.
„Нема никаков кризен менаџмент, ниту пак план за излез од кризата. Пандемијата нема сама од себе да стивне, а Заев и Филипче ако не се способни да направат нешто требаше да си дадат оставки уште вчера. Предоцна е и нема време за импровизации. Потребен е одговорен пристап и сериозни политики. Оставки веднаш!“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ пак, преку соопштение реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивноста, со измислени скандали во обид да му нанесе штета на здравствениот систем, кој со сите сили се бори против пандемијата со коронавирусот.
„Прво во белата палата им пречеше што наводно државата била спора со набавка на вакцините, а сега, во последните денови им пречи дека премногу сме брзале за да стигнат вакцини. Очигледно на опозицијата предводена од губитникот Христијан Мицкоски се им пречи, бидејќи немаат што друго да понудат, освен блокади, опструкции, саботирање, лажни вести, манипулации. ВМРО-ДПМНЕ се уште е заглавена во криминално – режимска матрица, чиј заштитен знак се коруптивни тендери и фантом фирми и затоа постојано е поразена од граѓаните на избори“, порачуваат од СДСМ.
