Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ јавно не побараа оставка од претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, која во моментов има забрана за вршење на дејноста. Таа е осомничена за оддавање службена тајна за предметот „Адитив“, а нејзините поранешни колеги побараа Димитровска да си даде оставка или пак да делува Собранието кое ја назначи. Сепак, СДСМ ќе чека да види што ќе покаже истрагата.
„Најсоодветно е прво да видиме што ќе покаже истрагата. Ние внимателно ги следиме информациите. Внимателно ги следиме сите детали поврзани со овој случај, ја почитуваме и презумпцијата на невиност“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
На слична линија е и ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија ги повикаа надлежните органи да го расчистат случајот.
„Доколку постојат докази за сторено кривично дело, недозволено е таквото однесување. Од аспект на морал, поголема е одговорноста кај лицата кои извршуваат високи јавни функции, отколку кај останатите“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Презумпцијата на невиност кај Татјана Димитровска ја истакнаа и од Кабинетот на спикерот Африм Гаши.
„Доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, изјави кабинетот на Африм Гаши, претседател на Собрание.
Поранешни антикорупционери истакнаа дека сомнежот за Димитровска претставува тежок удар за општеството, граѓаните, но и самата институција која, како што додаваат, ја губи довербата во јавноста. Од Антикорупциската комисија пак соопштија дека ќе продолжат непречено да работат, потсетувајќи дека одговорноста е индивидуална.
