Најголемите политички партии со меѓусебни обвинувања за загадувањето на водата низ земјава.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и кога СДСМ бил на власт, а Филипче како министер, била загадена водата, но тогаш се молчело.
„Граѓаните се труеле со години, а СДС и Филипче како министер молчеле иако добиле анализи од приближно 400 испитувања за загадена вода.
За 400 испитувања не било постапено, ниту пак биле известени граѓаните да не ја пијат водата.
Венко Филипче денеска се обидува да држи лекции за заштита на здравјето на граѓаните, а токму во неговиот мандат како министер за здравство и истоимената институција Министерство за здравство располагале со информации за стотици случаи на неисправна вода, за кои граѓаните и јавноста не биле информирани.
Денес, истиот човек кој не им кажал на граѓаните што пијат тогаш, денес се обидува да се претстави како заштитник на јавното здравје“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Вратија од СДСМ, велејќи дека од власта собираат политички поени.
„Гостивар. Крушево. Валандово. Булачани. Пласница. Лешок. Преглово. Маврово… По седум градови со отровна вода, по Лепенец и Вардар, по Башино Село, сега и водата од изворите во Елшани и Велестово во Охрид не е за пиење. Изгледа дека во Македонија веќе нема чисто место. Мицкоски зборува за „нови бактерии“ во Гостивар. Клековски ветува дека до крајот на неделата ќе може да се пие водата. Секој си ја тера својата приказна. Собирање политички поени наместо заштита на здравјето на луѓето. На ВМРО и на Мицкоски повеќе им е важен рејтингот отколку здравјето на граѓаните.
Кој знае колку уште општини и градови се загадени, а ние сè уште не знаеме? Министерот за полиција Тошковски се занимава со хиперхлорирање како да работи во водовод. Мицкоски ветува едно. Клековски не презема одговорност. Епидемија на жолтица е во тек. Сè уште нема одговорни“, велат од СДСМ.
