ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ќе се осврне на тврдењата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу за работата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), истакнувајќи дел од обвинителите кои сега се активни во Основното јавно обвинителство Скопје. Партијата ја поврза актуелната работа на овие обвинители со нивното функционирање во СЈО и со политичкото влијание на тогашното раководство на СДСМ.
„Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС. Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра, а за што очигледно треба да се отвори истрага“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, цитирајќи ги наводите на Кадриу, објави 360 Степени.
Партијата нагласува дека Ленче Ристоска е актуелен кандидат за државен јавен обвинител, а Гаврил Бубевски сакал уште еден мандат како шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, но не беше избран. „Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски. Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот. Двајцата се радувале на присуството на Заев и Шекеринска и примале од нив предмети не правејќи никаков записник“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се додава и дека СЈО, наместо да биде институција за спроведување на законот, во периодот на своето функционирање често било собиралиште на раководството на СДСМ, а се споменува и обидот за контрола врз судството.
„Едно е јасно, ВМРО-ДПМНЕ ќе стави крај на ваквата пракса!“, порачаа од партијата.
