Во алкохолизирана состојба се моли пред Цар Самоил – на плоштадот во Скопје кој и да посака влегува со автомобил

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Го остави автомобилот пред споменикот на Цар Самоил, клекна, почна да се крсти и да се моли. Вака еден граѓанин влезе во строго забранета зона за возила на скопскиот плоштад.

Станува збор за 66-годишник, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во соопштението на МВР пишува дека против него се преземени соодветни мерки, дека лицето има здравствени проблеми и дека бил под дејство на алкохол.

„Преземени се мерки од страна на полициски службеници и утврдено е дека Б.С. е под дејство на алкохол и не носи документи, а сопатниците во возилото појасниле дека има здравствени проблеми. Б. С. е приведен во ПС Центар, а возилото му е задржано. Покрај тоа, изречени му се мерки за возење под дејство на алкохол, неносење возачка и сообраќајна дозвола, измината важност на возачка дозвола и движење спротивно на сообраќаен знак“, велат од МВР.

Инаку, на улица Македонија постојано сообраќаат возила. Првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов, вети дека со реконструкцијата на плоштадот ќе се спречи и минување на возила низ плоштадот.

Пред една недела полицијата му изрече казна од 45 евра на жител на Арачиново, кој со автомобил влезе во центарот на градот, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните.