Во опозиција веќе не функционираат како кога беа на власт.
Ковачевски, СДСМ: „Ќе ви кажам како ќе функционираме“.
Али Ахмети – ДУИ: Како до сега.
Ковачевски: „Како до сега.“
ДУИ и СДСМ сега започнаа жестоко да се обвинуваат во јавност. Најсилните критики следуваа откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче во интервју истакна дека ДУИ е симбол на корупција и на меѓуетнички поделби.
„Видоа дека ВМРО преку нивната националистичка реторика и наратив, покренувајќи ги националистичките тонови, пред, за време и после изборната кампања, земаа мандат и формираа Влада и гледајќи дека ова во јавност поминува добро, почнаа и тие да ја менуваат реториката и наративот, покренувајќи ги националистичките тонови, мислејќи дека вака ќе добиваат повеќе гласови.“, вели Рина Ајдари.
Кога станува збор за корупцијата од ДУИ потсетија дека заедно владееле со СДСМ и секој треба да си ја преземе одговорноста. Според нив, социјалдемократите јавале на бранот на албанофобијата, која била политички проект финансиран од странство.
Од друга страна, од СДСМ преку соопштение го повикаа Ахмети да излезел од националистичкиот филм, додавајќи дека СДСМ имала фобија од националисти и популисти и секогаш ќе реагира. Пратеникот Оливер Спасовски вели дека е нормално да имаат различни ставови со ДУИ.
„Клучното прашање е треба да се подигне нивото на култура во македонската политика, да седнете и да разговарате со секого без разлика на тоа дали имате исти или различни ставови по одредени прашања. Така што ништо чудно ниту неочекувано да имате различни ставови.“, рече Спасовски.
Од СДСМ исто така оценија дека иако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ јавно се осудувале меѓу себе имале неформална соработка, а како пример ги посочија гласањата во Собранието за закони со двотретинско мнозинство и, како што додаваат, скандалозното пуштање на Артан Груби.
