Во понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до партиите и институциите да номинираат претставници во работната група за измена на Уставот. Дел од партиите кои ја добија поканата одбија учество во неа а меѓу нив и ВМРО-ДПМНЕ кои континуирано повторуваат дека немаат намера да се вклучат во ова тело. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски повторно дециден – нема да учествуваме, во оваа прва фаза тоа е тотално беспредметно. Коментирајќи го отфрлањето на хрватскиот модел од страна на власта рече дека Ковачевски и Османи претходно зборувале сега ретерираат.
„Значи сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот, еве јавно уште еднаш ќе го повторам ставот и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на комисијата која што ја формира Министерството за правда. Јас не бев тој кој што зборуваше за хрватскиот модел. Август месец 2022 година откако го направија проблемот и прифатија нешто што не можат да го испорачаат Димитар Ковачевски на прес конференција тоа го кажа.“, рече Мицкоски.
И од опозициската Алтернатива велат дека нема да учествуваат во работната група. Од партијата на Гаши со став дека не може да има работна група се додека не се постигне политички консензус.
„За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени.Освен тоа, Алтернатива не може да седне на иста маса и да дискутира на оваа тема со партии кои уште не се изјасниле за нејзиниот предлог-амандман за борба против политичката корупцијата“, изјави Зеќирија Ибрахими.
И од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов велат дека нема да бидат дел од работната група за промена на Уставот. Во соопштението од оваа партија се наведува ставот што Трајанов постојано го повторува а тоа е реципроцитет со Бугарија.
„Пред да почне постапка за внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет, Македонците да бидат признаени. Се додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот. Поради тоа Демократскиот сојуз нема да номинира свој претставник во работната група за промена на Уставот.“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.
Покрај овие партии и академик Владо Камбовски за кого се тврди дека ќе биде дел од работната група за уставните измени вели дека власта најпрво треба да обезбеди консензус на политичките партии. Како што вели тој работата е наопаку поставена. Откако ќе се обезбеди консензус претседателот на Собранието ја свикува Уставната комисија каде се доставуваат предлозите за уставните измени, вели Камбовски.
