Во судир изгореа камион и автомобил БМВ – чистењето на автопатот ќе трае поради истекување на масло

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Натоварен камион и автомобил изгореа откако синоќа се судрија во периферијата на Скопје. Екипи на противпожарната бригада и полицијата излегоа на автопатот кон Скопје од правец на Куманово, за да спречат други трагедии во сообраќајот.

Брзата помош ги пренесе двајцата возачи во болница, при што возачот на „БМВ“-то се здобил со тешки телесни повреди, но според надлежните е надвор од животна опасност.

Од полицијата соопштија дека е извршен и увид на местото на несреќата.

„Синоќа во 23:00 часот се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило ‘БМВ’ со скопски регистарски таблички, управувано од А.В. (25) од село Бујковци, Скопје, и товарно моторно возило ‘Мерцедес’ со полуприколка со неготински регистарски таблички, управувано од Л.Д. (56) од село Брест, Штип. Двете возила биле зафатени од пламен и целосно изгореле. Возачот на ‘БМВ’-то се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Универзитетскиот клинички центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Увид на лице место извршила екипа од СВР Скопје.“, велат од МВР.

Но иако поминаа неколку часаа по несреќата, сообраќајот е редуциран во тој дел од автопатот. Екипи за чистење ги отстрануваат остатоците. На терен излегоа и царински екипи за да проверат дали целата стока во камионот била легална. Имено, имало големи количини моторно масло, како и бројни пакувања алкохол и кутии цигари.

„Според увидот, автомобилот се движел со голема брзина и не успеал да закочи во моментот кога удрил во задниот дел од камионот, кој се престројувал во десната лента на автопатот од Куманово кон Скопје, токму кај клучката Хиподром што води кон обиколницата. Како последица, патот останува делумно блокиран до вечер, сè додека не се исчистат сите овие материјали кои биле леснозапаливи, како моторни масла и алкохол, што предизвикало пламен во моментот на ударот на автомобилот кој бил опремен со плинска инсталација“, вели репортерот на ТВ21.

Надлежните велат дека изгореното масло на асфалтот бара време за чистење и ќе биде третирано од специјализирани компании. Остатоците од камионот и автомобилот ќе бидат однесени на отпад за старо железо. Еден работник изјави дека автомобилот, кој бил на плин, бил причината за првата искра на пожарот при несреќата, откако удрил во камионот натоварен со десетици леснозапаливи материи.

Вработен во ЈП „Комунална хигиена“: Имаме опрема за влечење на возила и опрема за отстранување на моторни масла и за 5–6 часа ова ќе биде исчистено. Во депонијата Дрисла.

– Дали моторните масла треба посебно да се третираат?

„За маслата има фирма што има дозвола за управување и складирање на овие моторни масла и слично“.

Уште од утринските часови беа забележани долги колони на автопатот, бидејќи функционираше само една лента од Куманово кон Скопје, а нормализирање на сообраќајот се очекува во вечерните часови.