Продолжуваат препукувањата меѓу власта и опозицијата во врска со најавите за отворање на дата-центри во земјава.
СДСМ ја обвинува Владата дека без транспарентност турка проекти за дата-центри, предупредувајќи на можни последици врз водата, енергијата и земјоделството. Од партијата велат дека една компанија објавила оти од Владата обезбедила капацитет од 100 мегавати и директен пристап до реката Вардар за ладење на дата-центрите, за што, според нив, Владата нема дадено информации во јавноста.
„Овие дата-центри трошат огромен капацитет на струја. Поради тоа што струјата ќе се троши повеќе, ќе има поголем увоз од странство. А сите знаеме кој профитира од зголемениот увоз на струја. Што ќе значи ваквата потрошувачка за цената на струјата за граѓаните? Колку ќе ги чини? Кој гарантира дека граѓаните нема да плаќаат повисока цена за струјата за некој друг да прави огромни профити?“, изјави Маја Борозан од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија, обвинувајќи ги социјалдемократите дека со ставовите за идејата за изградба на дата-центри во Македонија не размислуваат за развојот на државата и за придобивките за граѓаните.
„Едноставно кажано, Филипче и за оваа тема почна да шири невистини, паника или хистерија во јавноста. Наводно дата центрите биле закана за водните ресурси во државава, дека ќе има енормна потрошувачка на струја како да не слушнал за обновливи извори на струја и слично. И овој пат очигледно Филипче стана нервозен и застана контра дата центрите веројатно затоа што не помина иницијативата во Пехчево на нивниот човек, негов и на Заев, инаку поранешен пратеник од СДС“, тврди Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, дата-центрите се специјализирани објекти во кои се складираат и обработуваат огромни количества податоци преку илјадници сервери и напредна опрема. Тие се физичка основа за услуги како клауд, вештачка интелигенција, онлајн-платформи, банки, социјални мрежи и дигитални услуги.
Серверите работат 24 часа дневно и генерираат големо количество топлина, поради што дата-центрите имаат моќни системи за ладење, кои можат да користат значителни количества енергија, а во одредени случаи и вода. Поради тоа, нивната локација се определува и според пристапот до електрична енергија, вода и интернет со висок капацитет.
