„За 2 години, 9 милијарди денари повеќе во здравствениот систем“ – Клековски: Како министер приоритет ми се Клиничкиот центар и регионалните болници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во здравствениот систем во текот на последните две години се инвестирани 9 милијарди денари повеќе, додека платите во јавниот здравствен сектор се зголемени за околу 16 проценти над стапката на инфлација.

Поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој од денес е министер за здравство, информираше дека буџетот на Фондот достигнал 55,9 милијарди денари, од кои 4,82 милијарди денари се издвоени за иновативни лекови за лекување на онколошки и ретки болести.

„Позитивната листа по децении ја зголемивме трипати, успеавме да добиеме пониски цени преку конкуренција со генеричките лекови и покажавме дека со мали промени, со префрлање на лековите од болничка употреба во аптеките, можеме да им го олесниме животот на пациентите, зборувам за онколошките пациенти, но и за онколошките клиники.“, порача Сашо Клековски.

Како министер за здравство, Клековски рече дека приоритет ќе биде новиот Клинички центар во Скопје, како и регионалните болници.

„Можам да го повторам фокусот на Владата на регионализацијата. Штип, Тетово, Кичево и Клиничкиот центар остануваат меѓу приоритетите, се меѓу приоритетите на Владата и секако ќе останат приоритет.“, вели Сашо Клековски.

Во однос на проектот со „отпечаток од прст“ за евиденција на здравствените работници, Клековски рече дека ќе разговара со директорите за методологијата, додавајќи дека евиденцијата на работното време е законска обврска.