Владата прави екскурзии со надворешната политика, обвини опозиционерот Венко Филипче, коментирајќи го воздржаното гласање на Македонија за резолуцијата на Украина и ЕУ во Обединетите нации, која ја поддржа скоро цела Европа. Филипче кажа дека дел од амбасадорите на ЕУ-членките во земјава, но и европратеникот Томас Вајц кај него изразиле загриженост за гласањето на Македонија.
„Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана во европските политички кругови.“, вели Филипче.
Според Филипче, власта води хаотична и импровизирана надворешна политика и воедно го искоментира ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека државата е дел од „новото нормално“.
„Новото нормално во Македонија е потежок живот на граѓаните и водење на надворешна политика навистина без компас и без никакво логично објаснување.“, рече Филипче.
На ова одговори Мицкоски според кого опозицијата нема кредибилитет да зборува за надворешна политика и односите со администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

„Ќе ве потсетам како се ме обвинуваа… дека сум бил анти-НАТО, анти Америка, проруски и не знам каков… а што, сега им пречи што имаме исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.“, изјави Мицкоски.
Во однос на фактот што Македонија не гласаше за Резолуцијата чиј спонзор беше Франција, коментар имаше и францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер.
„Навистина вие посочувате со прст важна тема, со гласањето на Северна Македонија во Њујорк, коешто за нас беше неочекувано.“, изјави Ле Риголер.
Претходно од МНР истакна дека при носењето одлука да се поддржи Резолуцијата на САД, а не онаа на Украина и ЕУ, се воделе од темелна анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења и не треба да се толкуваат како промена на позициите.
