За општините 18,3 милијарди денари за проекти – Перински: Градоначалниците не „плачеа“ по пари, дојдоа со здрави проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со првиот јавен повик 4,5 милијарди, а со вториот 13,8 милијарди денари општините добиле за реализација на проекти кои се во интерес на граѓаните, а кои пред се сè од комуналната сфера. Министерот за локална самоуправа Златко Перински, зборувајќи во Клик Плус изјави дека реализација на проекти има на дневна основа. Перински тврди дека парите се дисперзирани за повеќе од 1116 проекти, а средства добиле речиси сите општини во државата.

-Преку првиот јавен повик, дисперзиравме повеќе од 4,5 милијарди денари за реализација на 288 проекти. Преку вториот јавен повик им ставивме на располагање 13,8 милијарди денари на општините за реализација на 828 проекти. Имплементацијата на терен, на дневна основа се спроведува без никаков застој, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Но, парите ќе бидат исплаќани во фази, односно нема однапред да се префрлаат на сметките на општините или изведувачите на градежните активности. Според одлуката, парите ќе бидат исплатувани по секоја завршена фаза од дел од проектот, се со цел проектите со кои општините аплицирале за пари, да бидат завршени.

-Во изминатите две години, јас сум навистина среќен, што сите градоначалници што дојдоа, без разлика, повторно ќе кажам од која политичка номенклатура се градоначалниците, сите дојдоа спремни со проекти, со зрели проекти и дојдоа да разговараме во која програма можеме да ги исфинансираме … Градоначалници доаѓаат, не плачејќи по пари, туку разговарајќи да најдеме модалитети и преку кои програми можеме да ги исфинансираме, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Министерот вели дека општините на годишно ниво губат од 80 до 100 милиони евра, поради тоа што несоодветно ги колектираат своите извори на финансирање. Оваа бројка, според него е тешко одржлива и за посилна економија од Македонија. Поради тоа, вели Перински, се работи на процес на фискална децентрализација и фискална независност на општините.