За ВМРО-ДПМНЕ нема причина за лидерска средба, СДСМ најавува агенда на која ќе се најдат прашања за националните интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ не гледа причина за нова лидерска средба. Најавата за средба ја спомена претседателот на СДСМ, Венко Филипче барајќи единство за евроинтегративниот пат.

„Венко Филипче да не ги користи приликите за лидерска средба за да си го крева рејтингот. Лидерска средба имаше само пред еден месец и сметаме дека нема потреба за истото. Доколку Филипче сака да си прави средби со своите коалициони партнери, може да го направи тоа со Али Ахмети, со Таравари или со Димче Апасиев, бидејќи тие се исти луѓе со исти вредности.“, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од коалицискиот партнер Вреди, информираат дека најпрвин ќе ја почекаат поканата од Филипче, па ќе одлучат дали да присуствуваат.

„Јас лично се уште не сум видел покана, доколку има таква покана, треба да ја разгледаме, во рамки на креирањето политики во нашата земја, албанските партии се среќаваат на ниво на претседатели, бидејќи соработуваат меѓу себе, македонските партии исто така, ќе видиме.“, рече Арбен Фетаи од Коалицијата ВРЕДИ.

Од СДСМ истакна дека очекуваат ангажман од сите партии за реформската агенда и додаваат дека како конструктивна опозиција ќе продолжат да даваат предлози, иако повеќето биле одбивани.

„На седница на Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе предложи конкретна агенда – агенда која ќе биде составена од најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои секако, треба да бидат вклучени сите најголеми политички партии.“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.

Последно, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со Филипче пред еден месец во Владата, а од нивната средба произлегоа две работни групи – едната за реформите во правосудството и друга за енергетиката.