Забележана мечка над Горно Коњско, Националниот парк „Галичица“ апелира на претпазливост

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавната установа Национален парк „Галичица“ информира дека денеска туристи забележале мечка во реонот над селото Горно Коњско, поради што упати апел до граѓаните за зголемена внимателност.

Од паркот ги повикуваат жителите, посетителите, планинарите и сите лица кои престојуваат или работат во тој дел да се придржуваат до препораките за безбедно движење во природа и да избегнуваат ситуации што би можеле да доведат до средба со дивото животно.

Воедно, апелираат информацијата да биде споделена и со локалното население и со лицата кои престојуваат или извршуваат активности во овој регион, со цел навремена претпазливост.

Појавата на мечки во охридскиот регион не е реткост, особено во пределите на Националниот парк „Галичица“, каде кафеавата мечка е дел од природниот биодиверзитет. Во изминатите години биле регистрирани повеќе случаи на нивно приближување до населени места и земјоделски површини.

Во текот на 2023 и 2024 година, жители и пчелари од Горно Коњско и Горица пријавија штети на пчеларници, откако мечка со младенче се приближила до населениот простор. Во 2022 година, пак, мечка оштетила дел од заштитната ограда на одгледувалиштето за европски елен во рамките на паркот.

Еден од позначајните случаи беше забележан во 2018 година, кога во близина на Љубаништа беше пронајдена мечка фатена во нелегално поставена замка. По интервенција на надлежните служби, животното беше успешно ослободено.

Од Националниот парк повторно потсетуваат посетителите да не се приближуваат до дивите животни, да не оставаат храна во природата и да ги почитуваат сите препораки за безбедно движење, со цел да се избегнат несакани средби со дивечот.