Предизвикот во новата 2023 година е секако раст на производството на електрична енергија за 20 проценти. Ова во своето новогодишно обраќање го најави првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски, кој истакна дека фокусот е кон производство на домашна струја, како најевтина.
„Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително во време на криза значително ги намалуваме трошоците на производство како и непродуктивните трошоци“, рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини јаглен, мазут и природен гас. Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство, истакна првиот човек на ЕСМ.
„За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100 проценти електрична енергија а со поевтина енергија ги снабдуваме и болниците, училиштата, водостопанските претпријатија, прехранбените капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата. И покрај тековната криза со која се справуваме, паралелно ги реализираме и инвестициите во обновливи извори на енергија.“, изјави Ковачевски.
На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека дуото Васко и Димитар Ковачевски се причината за енергетската катастрофа и се најодговорни за тонењето на енергетскиот сектор.
„Васко Ковачевски требаше уште одамна да си поднесе оставка, наместо без срам да дава изјави. Заради неговата неспособност компанијата добива милионски износи народни пари за да се покрие лошото менаџирање. Само во декември му беа исплатени 25 милиони евра буџетски средства, а вкупно во 2022 добиле 175 милиони евра. Тоа од кое што другите би се срамеле, Ковачевски го прикажува како наводен успех.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, од први јануари цената на електричната енергија се зголеми за големите потрошувачи, додека за оние кои штедат се намалува. Така кај домаќинствата, цената на електричната енергија за првиот блок се намалува за 4,11%, за вториот за речиси 3%, додека цената за третиот блок се зголемува за 0.85% а за четвртиот за 7.65%.
