На утрешната средба во Тирана меѓу Еди Рама и лидерите на албанските политички партии, според аналитичарот Арбен Раткоцери, ќе се дискутира за случувањата не само во Македонија туку и Косово и Србија. Според него, интензивните настани во Македонија веднаш по Новата година се причина за средбата.
„Со посебен акцент би ги потенцирал последните случувања, особено сега многу интензивни по Нова година, внатрешните случувања во Македонија каде што ние како новинари знаеме дека има неколку различни идеи во владината коалиција каде што неодамна , активиран е и поранешниот премиер Зоран Заев, кој се вели дека бара многу проширена коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со што се гледа дека преку оваа идеја може да се дефакторизира албанскиот политички фактор“, вели Арбен Раткоцери.
Сите албански политички партии во земјава би имале корист од средбата со Рама, особено ако тема на средбата биде „идејата“ како што рече аналитичарот Арбен Раткоцери за формирање на проширена коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со мандат од 8 години.
„Ваков тип на средби би им одговарал на сите политички партии, верувам, јас би ја нарекол„авантура“ за формирање на проширена коалиција како што се вели за 8 години, ако беше некаква коалициска тема како што се уставните измени каде се подразбира дека треба поголем број пратеници тогаш е „Океј“. Но, со идејата за формирање 8-годишна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тогаш најоштетени ќе бидат сите албански партии“, додава Арбен Раткоцери.
Ако темите се исклучиви за албанскиот политички фактор, тогаш нема потреба од дополнителна македонска партија, додаде Раткоцери. Тој тврди дека доколку овој тип на средби повторно биде злоупотребен од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш повторно ќе има длабоки етнички поделби. За Касами кој нема да седне со Ахмети, Раткоцери рече дека не е така лесно да му се каже НЕ на Еди Рама.
