Загрижувачки пад на раѓања во Кичево, за пет години бројот преполовен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од година в година се намалува бројот на раѓања. Овој феномен е присутен во целата држава, но највидлив е во помалите општини. За Кичево ова е загрижувачка појава. Согласно статистиките на Управата за водење матични книги во Кичево, во 2015 година имало 774 раѓања, а 5 години подоцна, односно во 2020-та бројката е преполовена. Имало само 302 новороденчиња.

УПРАВА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ – КИЧЕВО

-Во 2015 година имало  774 раѓања

-Во 2016 година имало  750 раѓања

-Во 2017 година имало  660 раѓања

-Во 2018 година имало  573 раѓања

-Во 2019година имало   542 раѓања

-Во 2020 година имало  302раѓања

-До мај 2021 имало         195 раѓања

Социологот Ханифе Зибери, вели дека за падот на бројот на раѓања придонесуваат многу фактори.

-Врз оваа појава влијаат многу фактори, на пример социо-економските промени, транзицијата што се случува последниве години, миграцијата, нестабилноста на државата. Брзото темпо на миграцијата, особено на населението на репродуктивна возраст, значително влијае врз намалувањето на наталитетот, а главните причини за ова се – барањето можности за подобар живот, односно за вработување, образование и здравствени услови-вели Зибери.

Таа смета дека друг клучен фактор е и социо-економската промена, како што се доцните бракови и раѓањето во подоцнежна возраст.

-Ако порано сме имале раѓања во 20-25 години, сега првите деца се раѓаат по 30-годишна возраст. Еманципирањето на жените кај дел од населението, вработувањето и трчање по кариера, планирањето семејство и сексуалното образование, прават да се ограничи бројот на децата во едно семејство. Исто така, покачувањето на цените, модернизирањето на животот, невработеноста, околината нѐ тераат да размислуваме за бројот на раѓања-изјави Зибери.

Статистичките податоци на Управата за водење матични книги во Кичево покажуваат дека во последните 5 години и бројот на склучени бракови бележи значителен пад. Во 2015-та имало 744 склучени бракови, а во 2020 пак, само 289.

Во оваа општина има пораст на починати. Во 2015-та имало 433 починати, а во 2020 – 453. 

Само во првите 5 месеци годинава, бројот на умрени лица во Кичево изнесува 263.