Алијансата за Албанците реагираше до општина Тетово за ангажманот на адвокат од Скопје, кому за три месеци му се исплатени околу 15 илјади евра. Музафер Етеми бара одговор од општината, според кој критериум е избран токму овој адвокат и зошто не е ангажиран адвокат од Тетово.
„Нашата сакана Општина плаќа адвокат 15 илјади евра за три месеци, а не ги плаќа придонесите на десетици вработени во ЈКП и често доцни со исплатата на плати. Бараме од општина Тетово и градоначалничката, Теута Арифи што поскоро да се произнесат. Да го објават договорот со адвокатот Трајчев, да дадат објаснување дали имале тендер со попристојна цена и да одговорат кои биле критериумите според кои е избран адвокатот Трајчев и да ги кажат причините поради кои се одлучиле за него, а ги оставиле настрана стотици адвокати од Тетово.“, рече Етеми.
Од општина Тетово велат дека со измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки, од 2019 година правните услуги на институциите се вршат без договор и само преку наплата врз основа на тарифа утврдена од Адвокатската комора.
„Адвокатите не се плаќаат со месечни договори, туку фактурираат според законот, според постапките за кои се ангажирани. Исто така, не станува збор за фиксни и редовни месечни исплати, туку тие се реализираат врз основа на потребата, според услугите кои однапред се реализирани.“, велат од Општината.
Инаку и претходно имаше реакции за изборот на адвокати од страна на општина Тетово. Пред неколку години оваа општина преку оглас бараше адвокат со 32 годишно искуство, по што имаше сомнежи дека станува збор за наместен оглас.
