Грчките служби за цивилна заштита се ставени во состојба на зголемена готовност поради многу висок ризик од избувнување и ширење шумски пожари во повеќе делови од земјата, соопшти денеска Генералниот секретаријат за цивилна заштита при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.
Според картата за проценка на ризик од пожари за денес, во неколку региони е прогласено многу високо ниво на опасност, односно четврти степен, што значи дека временските услови овозможуваат брзо избувнување и ширење на пожари, пренесе грчката јавна телевизија ЕРТ.
Највисок ризик е прогласен на островите Хиос, Лезбос, Самос и Икарија, во областа Додеканези, како и во регионалните единици Ласити и Ираклион на островот Крит.
