Криминалци, криминална банда, кодоши, лопови, лажомани и што уште не се слушаше од собраниската говорница на самиот почеток на денешната седница на пратенички прашања, и тоа не само од пратениците туку и од премиерот Димитар Ковачевски.
Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки го постави прашањето за она за кое веќе десет дена зборува, за неслужењето воен рок на премиерот. Премиерот се обрати на опозицијата со жестоки зборови.
„Пред мене седи човек во првите редови кој во 2001 година одбра да биде нечесен, одбра да дезертира и да не и помогне на државата тогаш кога таа го побара. Вие премиере сте дезертер и вие сте отпадник од македонското ткиво. Вие не сте премиер, вие сте марионета, вие сте пиун, вие сте донесен на позиција или поради трајната неспособност или поради успешноста за ваше успешно лажирање. Во секој случај со лажомани и трајно неспособни лица, Македонија нема напредок“, вели Драган Ковачки.
„Врз основа на мислење на стручни лица од медицината а заради мој здравствен абдоминален проблем со кој се уште се соочувам се регистрираше моја неможност за служење на воена обврска. Оваа група овде во опозицијата и претходниот говорник како нивен предводник а по налог на нивниот налогодавач во последно време имаат проблем бидејќи се лопови, криминалци, неработници, насилници..“, порача Димитар Ковачевски.
Ковачки постави прашање и за неодамнешната објава на социјалните мрежи на СДСМ Арачиново за вработување во АРМ, на што одговори министерката за одбрана Славјанка Петровска дека и партијата но и Министерството за одбрана се оградува од ваквиот напис и најави дека огласот кој е објавен ќе се спроведе согласно правилата и процедурите.
