Веќе две години жителите на Непроштено, Теарце добиваат ветувања дека ќе им биде санирана улица во должина од 200 метри, но никако да дојде до реализација. Револтирани се дигнаа на протест. Велат дека улицава поврзува 12 куќи и селската црква.
„Нашата мака е што улицата не се санира. Речиси две години не е асфалтирана, а градоначалникот на општина Теарце не го зема предвид барањето што го поднесовме пред две и пол години. Поранешниот градоначалник Исен Асани, но и овој новиот неколкупати ни вети и не презеде никакви мерки за санирање на оваа улица. Тука гравитираат 10 – 12 куќи, а ја поврзува и селската црква што е во нашиот дел. До црквата е изградена, но долниот дел не е. Станува збор за околу 200 метри, односно 70 метри квадратни“, вели жител.
Локалното население вели дека при секој пообилен дожд улицата станува непроодна поради калта.
„Ова мора да се направи еднаш засекогаш. Не само со лаги. На две-три години кога ќе дојдат за избори, сите се собираат овде, а станува збор за една обична улица. Овој сосед не може да помине, никој не може. Во зимскиот период е уште полошо. Нека не доаѓаат повеќе за избори, нека не ветуваат лаги, ова би им го порачал“, додава жител.
„Ни ветија, но никој не нѐ зема предвид нас“, порача жител.
Се обидовме да стапиме во контакт и со првиот човек на Теарце, Нухи Незири, но безуспешно.
