Ѕвонеше последното ѕвонче за оваа учебна година – учениците се надеваат дека во септември ќе ги тргнат маските

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заѕвони последното ѕвонче за учениците од основните училишта.
Наставничката Фљутура заедно со нејзините ученици од ОУ „Исмаил Ќемали“ Скопје, имаат желба следната учебна година да ја почнат без маски и дистанца.

-Се надевам дека следниот септември ќе го дочекаме заедно со двете групи и дека ќе бидеме без маски“.

Таа вели дека оваа учебна година поради пандемијата била полна со предизвици, особено кога станува збор за социјализација на учениците.

-Расположението и работната атмосфера не е исто како кога немаше пандемија. Сепак, ние, а и децата со сите сили се потрудивме да постигнеме што повисоки резултати-вели наставничката Фљутура Михалица.

Сепак, на последниот училишен ден наставничките ги прегрнаа своите ученици.

Министерката за образование, Мила Царовска, сѐ уште не знае дали учениците од септември ќе се вратат во клупите. Вели дека во соработка со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, наскоро ќе донесат одлука околу тоа како ќе се реализира новата учебна 2021/22 година.

-Министерството за образование заедно со Министерство за здравство и со Комисијата за заразни болести и кабинетот на премиерот разгледуваат кои се можностите за отпочнување на учебната година во септември месец. Во моментот кога ќе има официјална информација таа ќе биде соопштена до јавноста, но тоа нема да биде во август, туку многу порано-вели Царовска.

Инаку, оваа учебна година почна еден месец подоцна поради состојбата со Ковид-19. Образовниот процес беше организиран по комбиниран модел. Повеќето ученици следеа онлајн настава, а со физичко присуство беа само учениците од прво до трето одделение кои наставата ја следеа под посебни протоколи.