Ахмети: Нема несогласувања во ДУИ, сите ќе гласаат ЗА новиот состав на Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зелено светло за новиот состав на Влада, ќе даде ДУИ, рече вечерва лидерот на партијата, Али Ахмети во интервју за „Click Plus“ на ТВ21.

„Нема несогласувања во ДУИ, сите избрани пратеници во Собранието ќе гласаат за новиот состав на Влада“, рече вечерва Али Ахмети.

Ахмети со ова ги отфрла како невистинити пишувањата на одредени медиуми дека кај интегративците има несогласувања и дека виси гласањето за новата влада со која ќе раководи Зоран Заев.

СДСМ и ДУИ се договорија Заев да биде премиер четири години, минус 100 дена, дена во кои пак премиер ќе биде предложен од страна на Демократската унија за интеграција.

Овој договор беше постигнат на последната лидерска средба одржана меѓу Заев и Ахмети во Клубот на пратеници.

Читај исто така:

Во текот на утрешниот ден Заев до Собранието треба да го достави предлог составот за нова Влада и програмата за работа во следните четири години.

Потоа откако пратениците ќе имаат можност да ги разгледаат биографиите на предложените кандидати, ќе се премине на гласање, а според извори на ТВ21 тоа ќе се случи в недела.