Димитриевски е против гласање претседател во Собрание – смета дека и некои министерства треба да се укинат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кандидатот за претседател Максим Димитриевски вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 порача дека е против гласањето на претседателот во Собранието.

Според него, претседателот ја влече својата тежина од граѓаните.

„Полноправно ги застапува граѓаните, секогаш може да биде коректор на власта и на опозицијата“, вели Димитриевски.

Тој вели дека треба да се намали бројот на пратеници, и дека некои од министерствата треба да се укинат и трансформираат во Агенции.

„Сериозно да се поработи на Законот за државни и јавни службеници, голем дел од нив се луѓе кои не си ја одработуваат својата плата“, вели Димитриевски.

За гласањето на Кривичниот законик, Димитриевски вели дека се гледа оти позицијата и опозицијата во Собранието комуницираат.

Според него, законот за Кривични измени, донесен под европско знаменце, бил договорен.

„Позицијата го предложи, а опозицијата обезбеди кворум за истиот да помине“, вели Димитриевски.

Во однос на Уставните измени, тој смета дека во Уставот на Македонија има место за сите, но не прифаќаме уцени и притисок.

„НИе како Македонци сме биле секогаш широки како народ, но никогаш не сме прифатиле уцени и притисоци, во нашиот Устав има место за сите, проблемот е негацијата која што доаѓа од Бугарија“, вели Димитриевски.

Димитриевски смета дека нашата дипломатија потфрлила во сите меѓународни договори.

„Првенствено кога беше решавањето на Преспанскиот договор, требаше во пакет да се реши проблемот со Бугарија, а не да не тапшаат по рамо и во последен момент да добиеме нож во грб во делот на блокадите, а сега Бугарија да биде најголемиот блокатор на Македонија на европскиот пат, а Грција најпринципиелниот партнер кој не блокираше две децении“, вели Димитриевски.

Во дебатниот магазин, Димитриевски порача и дека на изборите влегува за да победи, а не да учествува.

„Исто како и на локалните избори, и во оваа изборна трка влегувам како аутсајдер, но влегов со мојот тим за да победам, а не да учествувам“, вели Димитриевски.

На прашањето дали очекува реприза на изборите во 2019-та кога во вториот круг се „тркаа“ кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, Димитриевски одговори дека од репризи фајде државата нема.

Според него, ништо не било убаво ни тогаш, а ни претходно.